5/8/2020
Сподели
ДИСКУСИЈА ЗА ЕКОНОМСКИТЕ МЕРКИ НА ВЛАДАТА ЗА СПРАВУВАЊЕ СО ПОСЛЕДИЦИТЕ ОД КОРОНА ВИРУСОТ

Советот на странски инвеститори одржа „онлајн“-седница на Управниот одбор

Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија, во услови на вонредни мерки го приспособи своето работење преку примена на софистицирани дигитални технологии, при што на 7.5.2020 година ја одржа својата прва „онлајн“-седница на Управниот одбор.

Економските мерки за поддршка на стопанството за справување со последиците од Ковид-19 беа главна тема за дискусија, при што беше констатирано дека постои огромна неизвесност за перспективата, за времетраењето на пандемијата, како и за прашањето дали ситуацијата може да се влоши.

Истовремено, во услови кога случувањата поврзани со корона вирусот силно ги погодија големите светски економии, логично е да се очекува дека и малите економии, како што е македонската, ќе претрпат несакани последици.

Имајќи го предвид фактот дека корона вирусот и мерките кои се преземаат во врска со спречување на неговото ширење неминовно ќе доведат до забавување на економската активност, најголем дел од компаниите, вклучувајќи ги и големите индустриски капацитети, ќе трпат огромни штети во работењето. Како странските инвеститори ќе продожат успешно да работат во вакви услови, секако, ќе зависи од самите компании и од нивниот потенцијал да направат соодветна реорганизација на производството, заради намалената побарувачка, но и од поддршката на државата, заради побрзо закрепнување и полесно пребродување на последиците од кризата.

Она што е особено значајно за самите компании (особено за големите компании од областа на производството и услугите), но и за економијата во целина е дека компаниите се обидуваат на секој можен начин да ги задржат своите вработени, односно да нема отпуштања, но за да можат компаниите ова да го одржат и во наредниот период во услови на намалено производство и намален извоз, па и кратење на непродуктивните трошоци, секако дека добредојдени ќе бидат мерките на државата кои се во насока на зачувување на ликвидноста на компаниите. Ова е поради фактот што придонесот на големите индустриски капацитети – членки на Советот на странските инвеститори, врз националната економија е огромен. Поддршката на големите компании, не само странските, туку и домашните, би придонела исто така и за брзо надминување на кризата и закрепнување на економијата, заради придонесот врз големиот број на вработувања.

Имајќи ги предвид укажувањата на странските компании, Советот и во наредниот период ќе продолжи да ги проследува отворените прашања во врска со спроведување на конкретните мерки, како и предлозите за дефинирање мерки за помош на компаниите за справување со актуелните состојби, а како најважни на седницата на Управниот одбор беа истакнати следниве:

-    економските мерки на Владата за поддршка на стопанството за справување со последиците од Ковид-19 да не се однесуваат на субјектите коишто учествуваат во „сивата“ економија и ја поткопуваат конкурентноста на целокупното стопанство и воедно го поткопуваат интегритетот на целиот наш даночен систем;
-    засилена институционална соработка помеѓу приватниот сектор и институциите на системот и интензивирање на меѓусебната координација со цел со заеднички сили да се намалат економските импликации врз македонското стопанство;
-    поддршка на компаниите од различните сектори во економијата кои поднесуваат предлози и иницијативи за заеднички што полесно да се пребродат тековните предизвици и за спас на стопанските дејности коишто се различно погодени од моменталната ситуација.

Д-р Елена Милевска Штрбевска
Влатко Стојановски